e okul
Novagra

Дијабетна ретинопатија

Дијабетичната ретинопатија (ДР) е сериозно очно заболување кое се јавува како компликација на дијабетот и промените се на ниво на очното дно. Пациентите со дијабет треба да се информирани за постоечките компликации од дијабетот (кои не се само очни) и да се насочуваат на редовни прегледи од нивните матични лекари или ендокринолози кон соодветните специјалисти, во случајот офталмолози.

Навременото откривање и превенција на компликациите што се јавуваат кај ова заболување се од голема важност за зачувување на видната острина на пациентот и подобрување на квалитетот на живот. Ненавременото откривање и нелекување на дијабетичната ретинопатија води до тешки промени и компликации, кои порано или подоцна водат до слепило.
Дијабетичната ретинопатија се манифестира во две форми, непролиферативна и пролиферативна. При напредување на процесот кај првата, во еден момент може да премине во втората форма.

Дијагностика

  • Основен офталмолошки преглед (одредување на видна острина, мерење на очниот притисок, преглед на предните делови на окото под микроскоп – биомикроскопија).
  • Преглед на очното дно на широка зеница (индиректна офталмоскопија).
  • Флуоресцинска ангиографија (ФА), со инјектирање на контрастна материја во вена (боја-флуоресцин) и со специјална камера за очно дно (фундус камера), се визуализираат и фотографираат патолошките промени на мрежницата и крвните садови во очното дно.
  • Оптичка кохерентната томографија (ОCT – Optical Coherence Tomography) – неинвазивна, безконтактна , безопасна метода кој ни дава визуализација на слоевите на мрежницата и е лесна за примена и следење на промените во центарот за вид (макулата) пред и после терапија, како и промените во останатите делови на мрежницата.
  • Ехографија (B scan) – неинвазивна метода, која е задолжителна кај пациенти кај кои има непровидни медиуми на окото (катаракта или крварење во окото). Со овој преглед се утврдува дали покрај катарактата, постои и друга причина за губиток на видот (крварење, одлепување на мрежницата, тумор и слично).

Дијабетичен макуларен едем

Двете форми на ретинопатија можат да бидат придружени со оток на центарот за вид (макуларен едем). Дијабетичниот макуларен едем се карактеризира со насобирање на течност и депозити во макулата, што доведува до нејзино задебелување. Дијабетот доведува до промени на крвните садови во мрежницата. Тие се со зголемена пропустливост и има појава на нови крвни садови кои освен зголемената пропустливост се склони и кон крварење. Макуларниот едем се манифестира со намалување на централната видна острина и искривување на сликите. Представува честа компликација на дијабетот. Пациентите со лоша контрола на дијабетот се со зголемен ризик за ова заболување.

Крварење во стаклестото тело на окото

Понапредната или нетретирана дијабетична ретинопатија води до потешка форма на болеста – пролиферативна дијабетична ретинопатија, каде има сериозно нарушување на видната острина. Во оваа форма, новостворени крвни садови растат од мрежницата во стаклестото тело на окото. Тие се со изменета градба и многу лесно спонтано доведуваат до крварење во стаклестото тело. Пациентот тогаш има чувство на нагло намалување на видот во дел или во целото видно поле.

Одлепување на мрежницата на окото (аблација на ретината)

Ако крварењето во окото не се лекува, доаѓа до појава на мембрани во стаклестото тело, кои вршат влечење (тракција) на ретината и одлепување на ретината. Видот во тој случај е многу намален (пациентот може да види само предмети непосредно пред окото или приметува само светлина). Ова е најтешка компликација на дијабетичната ретинопатија, која ако не се лекува доведува до неповратно и целосно губење на видот на тоа око.

Терапија

Третирањето на дијабетична та ретинопатија зависи од типот на болеста и степенот на прогресија.

Ласерска терапија (панретинална фотокоагулација)

Панретиналната фотокоагулација подразбира интервенција со аргон-ласер со кој се врши коагулација на периферната ретина при што се зачувува централната зона (макулата и нервот на окото). Во случаи каде што има недоволно снабдување со крв на ретината (како кај дијабетичната ретинопатија, затворање на венски крвен сад, воспаленија – васкулити) доколку не се третира ласерски, можно е да дојде до посериозни компликации (крварење, одлепување на мрежницата), за кои потоа е потребна операција. Важно да се знае дека ласерирањето нема да доведе до подобрување на видната острина, дека по ласерирањето таа може дури и да се намали. Целта е да се запре прогресијата, да се зачува моменталната видна острина и да се спречат потешки компликации. Исто така, ласерирањето не секогаш ја спречува појавата на компликации, но тие после ласерирањето се јавуваат поретко и го подобрува исходот на операцијата, ако е потребна подоцна. Интервенцијата е безболна, се изведува со анестезија со капки, на широка зеница со помош на контактна леќа, пациентот е во седечка положба, во амбулантски услови. Доколку е потребно да се опфати целата ретина, ласерирањето се изведува во неколку сеанси (2-3, ретко и повеќе), на растојание од неколку недели.

Апликација на медикаменти во окото (anti-VEGF)

Во случаи кога има формирање на нови крвни садови во ретината, од кои лесно доаѓа до крварење и насобирање на течност (едем) во ретината и посебно во макулата, се применува терапија со anti-VEGF. Toa e синтетски медикамент од типот на антитела кој го спречува растот на нови крвни садови во ретината. На тој начин помага во одржување на централниот вид и одложување на појава на други компликации. Неговата апликација е безболна, се врши во стерилни услови и според потребата, со повеќе инјекции во одредени временски интервали.

Оперативно лекување (витректомија)

Витректомијата е една од најкомплексните микрохируршки процедури кои се користат во офталмологијата. Таа претстаува единствена терапија за многу болести на задниот сегмент на окото – аблација (одлепување) на ретината, пролиферативна дијабетична ретинопатија, крварење во стаклестото тело, болести на точката за јасен вид (макулата), повреди на окото, тешки воспаленија и др. Вклучува употреба на последната генерација на оперативни системи за задниот сегмент на окото – микроинцизиона техника, ендоласер, со примена на силиконско масло или експанзивен гас, кој овозможува прилегнување на мрежницата. Овие операции се обично се вршат обично под локална анестезија, по принципите на еднодневна хирургија.

e okul
Novagra