e okul
Novagra

Одлепување на ретина

Одлепување на ретина представува сериозна состојба која ако не биде третирана доведува до слепило на засегнатото око рано или покасно. Најчесто се појавува во средните години, но може да се појави и во било која возраст од животот. Доколку не се лекува по итна постапка може да биде причина за делумно или целосно губење на видот.

Одлепување на ретина значи одвојување на слоевите на ретината од нејзината база. При тоа доаѓа до насобирање на течност меѓу двата разделени слоја на ретината. Како причина се дефекти и слаби места на ретината во нејзината крајна периферија (периферни дегенерации, руптури, дупки). Најчесто се среќава кај пациенти со висока картковидност (миопија), кај кои со зголемување на диоптријата се зголемува должина (оската) на окото, а соодветно на тоа се растега највнатрешната обвивка (ретината) и во најпериферните оддели се појавуваат слаби места. Но, одлепување на ретината може да се појави и во нормално око (регматогено одлепување). Постои и друг вид на одлепување на ретината (најчесто после воспалителни состојби на задните делови на окото по кое се формираат мембрани, исто така кај доцни стадиуми на дијабетична ретинопатија, каде мембраните вршат тракција (тегнење на ретината) и истата се одлепува (тракционо одлепување).

Дијагноза

  • Офталмолошки преглед – детално испитување на задните делови на окото на широка зеница, со помош на контактни и неконтактни лупи.
  • Ехографија на окото – неинвазивна метода, која е задолжителна кај пациенти кај кои има непровидни медиуми на окото (катаракта или крварење во окото). Со овој преглед се утврдува дали покрај катарактата, постои и друга причина за губиток на видот (крварење, одлепување на мрежницата, тумор и слично).
  • Оптичка кохерентната томографија (ОCT – Optical Coherence Tomography) – неинвазивна, безконтактна, безопасна метода која ни дава визуелизација на слоевите на мрежницата и е лесна за примена и следење на промените во центарот за вид (макулата) пред и после терапија, како и промените во останатите делови на мрежницата.
  • Од прегледот се утврдува дали има одлепување на ретината или само периферни слаби места (дегенеративни промени). При одлепена ретина лекувањето е задолжително оперативно. Доколку нема одлепување на ретината и се утврдени само периферни дегенеративни промени се врши ласерирање на тие слаби места.

Терапија

Ласерска терапија Со локална анестезија со капки на проширени зеници со помош на контактна леќа пациентот е во седечка положба, се ласерираат сегментите каде има пукнатини, отвори или дегенерација на ткивото. Во областа каде се врши ласерски третман доаѓа до задебелување и ограничување на тие слаби зони и на тој начин се спречува процесот на одлепување. Ласерски третман се применува на областа каде постои проблем во дадениот момент! Доколку во иднина се појават пукнатини во некоја друга област на окото, повторно има ризик од појава на одлепување на ретината. Поради сето ова пациентите кај кои настанале проблеми во ретината треба почесто да одат на очни контроли.

Оперативно лекување (витректомија)

Хирушката инервенција (витректомија) е единствениот начин за третман на пациентите кај кои веќе постои одлепување на ретината. Витректомијата е една од најкомплексните микрохируршки процедури кои се користат во офталмологијата. Вклучува употреба на последната генерација на оперативни системи за задниот сегмент на окото – микроинцизиона техника, ендоласер, со примена на силиконско масло или експанзивен гас, кој овозможува прилегнување на мрежницата. Овие операции се обично се вршат обично под локална анестезија, по принципите на еднодневна хирургија.

e okul
Novagra