e okul
Novagra

Глаукома

Глаукомот е втората водечка причина за слепило во светот според Светската здравствена организација.

Претставува прогресивна болест (оптикопатија) со оштетување на очниот нерв, кое води до постепено намалување на видот. Постојат повеќе ризик фактори и теории за причините за оштетување на очниот нерв, но една од главните причини е очниот притисок, ризик фактор врз кој моментално единствено може да се влијае.

Глаукомот е наречен уште и тивок крадец на видот, бидејќи се развива без да има специфични симптоми се додека не се намали значително видот на едното око.

Доколку не се дијагностицира и лекува навремено најчесто води до слепило.

Најчестата форма е примарниот глауком со отворен агол, кој се развива постепенно и неосетно. Се појавува кај 1 % од населението, најчесто кај лица постари од 40 години. Во почетната фаза нема никакви симптоми.

Повеќето луѓе не ни се сомневаат дека имаат очен проблем се додека значително не се намали видот. Глаукомот се развива најчесто на двете очи, но за среќа не напредува истовремено во двете очи. Ако рано се дијагностицира и се лекува на време, може да се спречи загуба на видот. Ако имате глауком, тоа значи редовни контроли и лекување до крајот на животот!

Другиот тип на глаукома е примарниот глауком со затворен агол.

Оваа форма се развива одеднаш, со брз пик на зголемување на очниот притисок, може да се предизвика неповратна загуба на видот, и затоа овој тип на глауком бара брза интервенција и лекување. Акутниот напад кај глаукомот со затворен агол обично започнува навечер или во затемнета просторија кога светлината е слаба и зениците соодветно се пошироки.

И двата типа на глауком со отворен и затворен агол можат да бидат примарни, кога причината за појавата не е јасна и секундарни, кога причината за глаукомот е друго очно заболување (воспаление, презреана катаракта, по затворање (тромбоза) на крвен сад на окото) или друго системско заболување.

Постои и глауком со низок (нормален) очен притисок. Оваа форма сеуште не е добро проучена, но е доста честа, каде очниот притисок е во нормални граници но сепак има оштетување на очниот нерв. Се смета дека кај овие пациенти има зголемена чувствителност на очниот нерв кон редуцирано снабдување со крв на иститот од редица други причини (пример ,атеросклероза). Во овие околности дури и нормалниот очен притисок е доволно голем да предизвика повреда на очниот нерв.

Конгенитален глауком (вроден глауком) – постои од самото раѓање.

Симптоми

Како рани симтоми на глауком може да се јават: повремено нејасно гледање, навечер гледање на светлосни кругови околу светлата, болки околу окото при гледање телевизија.

Постојат повеќе фактори кои можат да го зголемат ризикот од појава на глауком: историјат на глауком во семејството, пушење, шеќерна болест, интензивна анемија или преживеан шок, варијабилен крвен притисок на организмот, висока хиперметропија, мигрена, прележани трауми на окото, долготрајно користење на одредени капки за очи (кортикостероиди).
Најчесто глаукомот се појавува на возраст над 35 години. Заради тоа после 40 год. потребен е редовен преглед на очите со мерење на очниот притисок еднаш годишно!

Дијагноза

Најсигурни методи за дијагностицирање на глаукомот се:

  • Редовна посета на очен лекар.
  • Мерење на притисокот на окото.
  • Преглед на очниот нерв (офталмоскопија).
  • Испитување на окото од аспект на дренажа на очната водичка (гониоскопија).
  • Тестирање на видното поле (компјутерска периметрија).
  • Компјутерско испитување на слојот на нервни влакна и проценка степенот на оштетувањето на очниот нерв (OCT – оптичка кохерентна томографија).

Нашите специјалисти во Европската Очна Болница за глаукома ги оценуваат резултатите добиени со помош на најсовремена апаратура и го планираат лекувањето на болниот. Овие методи имаат големо значење во дијагностицирањето, лекувањето, како и долгорочното следење на степенот на напредување на глаукомот.

Глаукомот може да се третира на три начини: терапија со лекови (капки за очи), ласерски третман и оперативен третман, во зависнот од видот на глаукомот како и степенот на прогресија на заболувањето.

 

e okul
Novagra