e okul
Novagra

Увеит

Воспалување на средната обвивка на окото (увеа) се нарекува увеит. Увеата е многу добро снабдена со крв и тоа е основната причина за честите воспалителни заболувања. Увеата се состои од 3 дела: преден – ирис, среден дел – цилиарно тело и заден – хороидеа.

Анатомска класификација на увеитот:

  • Преден увеит (uveitis anterior)- ако е засегнат само ирисот (iritis) , цилиарното тело (cyclitis) или и двата дела (iridocyclitis).
  • Среден увеит (uveitis intermedia, pars planitis) кога е засегнат дел на цилиарното тело, базата на стаклестото тело и крајната периферија околу ora serrata.
  • Заден увеит (uveitis posterior) – воспалување на хороидеата, често се засега и околната ретина (chorioretinitis).
  • Генерализиран увеит (panuveitis) – опфаќа цела увеа и понекогаш и меките ткива на орбитата. Увеитот може да доведе до сериозно намалување на видот.

Подобрувањето на видот, освен во ретки случаи, се постигнува со редовна и соодветна терапија и координација помеѓу пациентот и лекарот. Заболувањето честопати може да се повторува и поради тоа е неопходно да се вршат редовни контролни прегледи. Лекарот офтламолог треба да се информира ако има доплонителни симптоми од други системи и органи.

Симптоми

Симптоми на увеит

Кај преден увеит основни симптоми се црвено око, заматување и намалување на видот, болка која може да се шири кон веѓата и горната вилица и се зголемува при поглед на блиску, фотофобија, темни сенки/дамки кои се движат пред окото.

Кај заден увеит најчесто нема болка и црвено око!

Кај него може да се забележуваат темни сенки кои се движат пред очите, заматување и намалување на видот. Ако процесот е локализиран во центарот за вид тогаш има промени во големината на сликата и искривување на сликата. Може да има дефекти во видното поле. Ако процесот е локализиран периферно може да нема симптоми и да се открие случајно при преглед.

Причини за увеит

Во 30-40% од случаите причината за увеит е нејасна. Во останатиот дел може да се должи на вируси, бактерии, габички, паразити или како резултат на системско заболување (Behcet, Tuberculosis, Toksoplasmosis, Herpes, Citomegalovirus, Syphilis, SPIN, Sarcoidosis, имунолошки заболувања, реуматски заболувања, улцеративен колит…

Дијагноза

Како се дијагностицира увеитит ?

Увеитот е сериозно заболување и треба да се почне со терапија веднаш. Во случај на покасно поставена дијагноза заболувањето може да прогресира и да има несакани ефекти:

Комплицирана катаракта, секундарен глауком или очна хипотонија и субатрофија или атрофија на окото, деформација на зеницата, засегнување на макула (едем) или корнеа ( band keratopathia ) или одлепување на ретина. Кај предниот увеит дијагнозата се поставува лесно поради типичниот изглед на окото, а кај задниот е неоpходно да се направи преглед со Goldmann – лупа, ехографија, флуоресцинска ангиографија, или ангиографија со индоцианин-зелено (ICG), OCT, со цел да се утврди степенот на оштетувањето и видот на терапијата.

Синдром на Бехчет

Синдромот е oпишан за прв пат од Проф. д-р Бехчет во 1937 год.

Има 3 основни симптоми:

  • Афти (рани) во устата.
  • Увеит во окото.
  • Афти по гениталиите.

Се работи за генерализирана болест (воспаление) на крвните садови со засегнување и на други органи: кожа, зглобови, дигестивен, нервен систем, вени. Типичен е за земјите од Медитеранот, Турција, Израел, Јапонија. Сврзан е со генетски и имуни фактори (HLA B5, HLA B51). Ако не се лекува навреме и соодветно може да доведе до слепило.
Денеска поради сознанијата за причините за ова заболување, успехот од терапијата е многу поголем. Основно е поставување на рана дијагноза.

Лекување

Лекувањето на увеитот зависи од типот на болеста, симптомите и степенот на напредување на истата.

Основниот начин на лекување е со медикаменти – капки за очи, но понекогаш кога болеста е во понапредна фаза потребни се и други методи на лекување – интравитреална апликација на лекови, парабулбарни инјекции, системска терапија со лекови, орално или венски. Кај многу комплицираните случаи понекогаш е потребно и оперативно лекување, кое може да вклучи и комбинирани операции на катаракта, очен притисок или операција на задниот сегмент на окото – витректомија.

e okul
Novagra